Земјата која е лидер во дигиталната писменост, Данска, ќе стане прва во светот во која возачките дозволи ќе бидат дигитални, достапни преку апликација за мобилен телефон. Идејата која треба да се спроведе во наредните две години е потврдена од страна на данското министерство за финансии, од каде велат возачката дозвола ќе биде прв официјален документ за идентификација што ќе се дигитализира, со цел администрацијата да стане поефикасна.
До дозволите ќе може да се пристапи преку апликација. Така, паметниот телефон ќе биде единственото нешто што ќе биде потребно за да се покаже валидна возачка дозвола. Тоа и има смисла бидејќи многу Данци веќе ги користат телефоните за онлајн-банкарство и друго.
– Повеќето луѓе денес имаат паметни телефони и тие станаа важен дел од секојдневниот живот. Мобилните речиси целосно ги заменија паричниците, па има смисла возачките да се стават во телефоните за секогаш да бидат при рака – истакна министерката за иновации во јавниот сектор, Софи Лехде.
Дигиталните возачки нема да ги заменат физичките, туку ќе бидат дополнување и до нив ќе може да се пристапи преку апликацијата која ќе се отвора со отпечаток од прст или со безбедно логирање.
Се очекува апликацијата да биде достапна до крајот на 2020 година.