Каков смартфон користи најдобриот фудбалери на светот?

На свечената церемонија за доделувањето на наградите на ФИФА за најдобри фудбалери, која се одржа кон почетокот на неделата, еден детаљ привлече поголемо внимание од скапоценото Dolce & Gabbana одело на хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ.

Имено, најдобриот фудбалер на светот за 2018 година, и покрај сите пари и слава кои ги има, тој и понатаму го користи својот стар iPhone 5s.

На една фотографија, забележана после доделувањето на наградите, се гледа како Лука зборува на телефон. Корисниците на социјалните мрежи веднаш забележаа дека тој користи стар модел на iPhone, а притоа воопшто не се грижи за тоа.

Откако оваа фотографија беше објавена на Twitter, веднаш следуваа бројни коментари.

„Зарем е возможно тој се уште да го користи тој уред?“, се запрашаа бројни фанови.

„Не обидувајте се да импресионирате никого. Лука Модриќ, најдобриот играч во тековната година по изборот на ФИФА, се уште користи iPhone 5s“, гласеше еден од коментарите.

„Некои девојчиња кои се уште немаат завршено основно училиште, бараат од своите родители да им купат iPhone 7“, пишува во друг коментар.

Сепак и покрај овие коментари, Модриќ со овој потег уште еднаш ни кажува дека станува збор за скромен играч и човек, на кому никако не му се во прв план материјалните, туку напротив, вистинските вредности во животот.