Германија нема да успее да ја оствари зацртаната цел од еден милион електрични возила на патиштата до 2020 година, туку тоа ќе се случи во 2022 година. Тоа се должи на високата цена на овие возила и недостигот од полначи, проценуваат советниците во германската влада.

Советодавната група НПЕ (Национална платформа за електрична мобилност) во извештајот за спроведувањето на тој план објави дека зацртаниот број на електрични возила ќе се достигне дури во 2022 година. На почетокот на 2018 година на германските патишта имаше само 98.820 возила на електричен или хибриден погон.

НПЕ ја следи состојбата на пазарот на електрични возила од 2010 година, кога ја предложија целта за милион електрични автомобили до 2020 година, која беше усвоена од страна на владата.

Објавата од Берлин не изненади и германската канцеларка Ангела Меркел минатата година призна дека не е веројатно дека ќе се оствари таа цел.

Од НПЕ напоменуваат дека за тоа има повеќе причини, вклучувајќи ја и високата цена на електричните модели во однос на автомобилите на класичен погон. Недостига и инфраструктура – потребни се повеќе полначи за електрични автомобили.

Канцеларката сепак е оптимист.

– Напредуваме. Успеавме да воспоставиме масовен пазар, а сега тоа треба да го прошириме – истакна Меркел.