Во Холандија е отворена првата велосипедска патека во светот целосно направена од рециклирана пластика, што има за цел намалување на милиони тони фрлен пластичен отпад секоја година.

Велосипедската патека е долга околу 30 метри, а се наоѓа во градот Цволе на северот од Холандија, кој е стар повеќе од 1.300 години. За изработка на патеката беа искористени 500.000 пластични капачиња и се проценува дека е два-три пати поиздржлива од традиционалните патеки.

Осум милиони тони пластични шишиња, амбалажа и останатиот отпад завршува во океаните секоја година и ги убива морските животни. Овој проект во Холандија е првиот голем чекор кон поодржливи сообраќајници во иднина направени од рециклиран пластичен отпад, велат идејните творци на патеката, Ан Кудстал и Сајмон Јорицма.

Инженерската компанија KWS, компанијата за производство на цевки Wavin и француската нафтена компанија Total заедно работеа на патеката. Градовите како Лондон, Амстердам и Париз постојано бараат начини за преминување кон циркуларна економија. Под тоа се подразбира повторна употреба на производи, делови и материјали, спречување на создавање отпад или загадување, како и за користење помалку нови средства и енергија.

Холандската влада вети дека до 2030 година ќе ја преполови употребата на суровини, како и дека ќе го забрза преминот на циркуларна економија. Во ноември е планирано отворање на втора велосипедска патека направена од рециклирана пластика во селото Гиторн во североисточна Холандија.

Извор: N1info