Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ потпишаа меморандум за соработка со цел заеднички да придонесат кон развојот на е-трговијата и развивањето на способностите, дигиталната писменост и градењето капацитети во секторот за е-трговија во Македонија.

Меморандумот за соработка, што воедно претставува и пристапување на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во почесно членство во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, го потпишаа претседателот на АЕТМ, д-р Нина Ангеловска, и деканот на ФИНКИ, проф. д-р Иван Чорбев.

Потписниците на меморандумот соработката ќе ја остваруваат преку споделување релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонесуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување нтековни и нови искуства релевантни за областа на дејствување и соодветната целна група.

Воедно, како што информираат од Асоцијацијата, ФИНКИ е и дел од партнерите на првата конференција за е-трговија со наслов eCommerce: The eFuture for eMacedonia!, која има цел да придонесе кон поголеми знаења поврзани со е-трговијата вклучувајќи ги и поврзаните услуги и технологии и да придонесе кон намалување на пречките што го ограничуваат развојот на оваа дејност.

Со ова и двете страни укажуваат на меѓусебна соработка, со која ќе придонесат кон подобрување на е-трговија, каде што како еден од проблемите за развој претставува и едукацијата на крајните корисници и малите и средните претпријатија за инволвирање во е-трговија.