Меѓународна мисија Касини откри изненадувачка карактеристика која се појавува на северниот пол на Сатурн, како што се приближува летото: вртлог со висока надморска височина во шестоаголна форма, сличен на познатиот шестоаголник кој може да се види подлабоко во облаците на планетата Сатурн, пишува Science Daily.

Ова укажува на тоа дека шестоаголникот од пониска надморска височина може да влијае врз она што се случува погоре, и дека тоа може да формира голема конструкција која се протега стотици километри во височина.

Кога мисијата Касини пристигна во системот на Сатурн во 2004 година, на јужната хемисфера беше лето, додека северниот дел се наоѓаше во средина на зимата. Вселенското летало забележало широк, топол вртлог на висока надморска височина над јужниот пол на Сатурн, но ниту еден на северниот пол на планетата.

Новата студија сега ги забележа првите глетки на северниот поларен вртлог што се формираат високо во атмосферата, додека на северната хемисфера на Сатурн доаѓа лето. Овој топол вртлог се наоѓа стотици километри над облаците, во слој на атмосфера позната како стратосфера, и претставува неочекувано изненадување.

“Рабовите на овој новооткриен вртлог се во форма на шестоаголник, што точно се совпаѓа со познатиот и бизарен шестоаголен облак што го гледаме подлабоко во атмосферата на Сатурн“, рекол главниот автор на новата студија, Ли Флечер од Универзитетот во Лестер, Велика Британија.

“Додека очекувавме да видиме некаков вртлог на северниот пол на Сатурн кога таму стануваше потопло, неговата форма е навистина изненадувачка. Или шестоаголникот се појави спонтано и идентично на две различни висини – едниот пониско во облаците а другиот повисоко во стратосферата, или пак шестоаголникот е всушност голема конструкција која е вертикално долга неколку стотици километри.“ додава Флечер.