Германскиот производител новата генерација на камионот-шлепер Actros ја опремил со систем на надворешни камери и внатрешни дисплеи како замена за класичните ретровизори.
Новиот Mercedes Actros светската премиера пред публика ќе ја има на саемот за комерцијални возила во Хановер од 20-27 септември, а една од новините се токму камерите наместо ретровизори.
Производителите на автомобили и камиони ова технолошко решение како идеја го имаат со години наназад, но досега сè се завршувало со концептните автомобили.
Една од причините за воведување на камерите е подобра видливост во текот на ноќта, поголемиот агол кој го покриваат камерите, а не е незначително ни подобрувањето на аеродинамичните карактеристики на возилото бидејќи камерите имаат значително помала предна површина од конвенционалните ретровизори.
Конвенционалните ретровизори со огледала кај камионите се особено обемни, па во овој случај подобрувањето на аеродинамиката е уште поголемо.
Системот кој Mercedes го користи во новиот Actros, се состои од две надворешни камери – по една од секоја страна на кабината на возилото, чија слика се проектира на два 15-инчни екрани со 720 x 1920 пиксели резолуција, кои се наоѓаат на внатрешната страна од предните столбови од кровот на кабината.
Таканаречениот MirrorCam систем е корисен не само за време на возењето – со притискање на копчето до креветот во кабината на возачот со помош на камерата може да ја следи околината на камионот додека одмора. Системот функционира независно од работата на моторот, така што е секогаш достапен за возачот на камионот.
Новиот Actros е опремен со најнова генерација на Active Drive Assist систем кој вклучува адаптивен темпомат со Stop & Go функција и технологија за одржување на камионот во лентата на движење. Овој систем претставува еден вид на делумен автоматски пилот, кој е од голема помош за камионџиите на долги и напорни патувања по автопат.