Во јуни Apple на својата WWDC конференција претстави нов watchface за Apple Watch, односно ново лице на часовникот, со темата геј прајд. Се работи за нов интерфејс на часовникот, кој на позадината има друга боја, а со која компанијата сакаше да и даде поддршка на геј заедницата и борбата на ЛГБТ лицата против дискриминацијата.

Ова не е првпат Apple да одлучи да ја поддржи ЛГБТ заедницата, имајќи предвид дека компанијата и во минатите години имаше слични кампањи, како на пример разни видеа кои промовираат еднаквост.

Меѓутоа, iOS девелоперот Гилерме Рамбо во кодот на оперативниот систем на часовникот забележал дел кој му онезвможува на Apple Watch, впарен so iPhone, а на кој е поставен руски јазик, да ја прикаже оваа геј прајд тема.

Корисниците на Reddit и претходно го приметија овој недостаток на часовникот во Русија, но досега немаше јасна потврда дека постои цензура. Русија уште во 2013 година усвои закон против пропагирање на геј популацијата, кој беше осуден од страна на Европскиот суд за човекови права, тврдејќи дека поттикнува предрасуди и хомофобија.

Законот пропишува казна затвор и казни за акции кои Русија би можела да ги прогласи како “навредлив говор“, а најверојатно Apple се обидува да ги избегне евентуалните санкции кои би можеле да ги добијат поради овој закон, пишува The Verge.