Google соопшти дека поставил игра со вештачка интелигенција на WeChat, најголемата социјална платформа во Кина во сопственост на технолошкиот гигант Tencent, пренесува CNN.
Guess My Sketch е првата Google мини-програма наменета за WeChat. Мини-програми се апликации кои корисниците можат да ги инсталираат преку WeChat, наместо да користат Google Play или App Store.
Оваа игра им нуди на корисниците да нацртаат некој предмет на својот смартфон или таблет во ограничено време. Целта е софтверот за вештачка интелигенција на Google да го идентификува правилно цртежот пред да истече времето. Нивото на тешкотија на играта се движи од едноставни форми како облак, до покомплицирани како на пример слон.
Менаџерот на Google Крис Тем, изјавил дека играта треба да им даде можност на луѓето да искусат колку интеракциите базирани на вештачка интелигенција можат да бидат природни.
Google Play продавницата за апликации е официјално забранета за користење во Кина, вклучително и нивните веб-пребарувачи, e-mail сервиси, Youtube и Google Maps. Неколку кои се достапни во оваа земја, како што се Google Translate и апликацијата за управување со документи Files Go, се достапни само преку продавници за апликации од трети компании во сопственост на кинески производители на смартфони, како што се Huawei и Xiaomi.