Доколку тргнувате на пат во услови на зголемени температури, посветете внимание на неколку работи, советува РСБСП преку соопштение.
Пред пакувањето задолжително направете проверка на возилото кај вашиот овластен сервисер
Пред да тргнете на пат, проверете ја техничката исправност на возилото, посебно на уредот за управување и застанување, состојбата на пневматиците и електроинсталацијата.
Не дозволувајте некоја скриена неисправност на возилото да ве изненади во текот на возењето – тоа може да ве чини многу кога станува збор за вашата безбедност, а секако ќе ве чини и многу пари и време. Да не зборуваме за другите непријатности и настанатите нервози.
Проверете во каква состојба ви е резервната гума и проверете дали имате прва помош во багажникот? Дали сте ставиле течност за миење на стаклата итн.?
Наспијте се
Наспијте се добро пред да седнете зад воланот и пред да тргнете на пат! Не тргнувајте на пат веднаш по работното време. Поради заморот, организмот ја намалува подготвеноста за процена на ситуација и способноста за навремена реакција во сообраќајот.
Јадете нешто лесно – бидејќи ако се прејадете, ризикувате да ви се приспие и можност стомачни проблеми.
Понесете со себе доволно вода (вода, не слатки сокови, од кои уште повеќе ќе бидете жедни).
Внимавајте што ќе облечете на себе и на нозете
Немојте да возите во лабави и лесни летни обувки, без разлика што можеби тоа воопшто не ви пречи. Обувките мора да бидат такви да не може да ви испаднат од стапалата.
Вашата гардероба треба да биде удобна, при што подобро е појасот да биде преку маица отколку на голо тело.
Никако немојте да возите боси – тоа не е дозволено и не е безбедно.
Информирајте се за предностите на ноќното и дневното возење
Доколку е возможно, избегнувајте возење во ноќните часови, без разлика на тоа што тогаш се помали турканиците, посебно на граничните премини.
Многу родители се одлучуваат за овој термин и поради тоа што ноќе децата главно го преспиваат патот. Меѓутоа, ноќе прегледноста е послаба, имате помалку можности да застанете и да се одморите, многу ресторани, како и бензиски пумпи, не работат.
Возењето дење е неспоредливо побезбедно, а можете и да уживате во убавините на природата, да организирате попатни излети. Правете паузи од 15 минути на секои 2-3 часа возење, а при влезот во автомобилот редовно прегледувајте го возилото.
Клима-уредот користете го паметно
Водете сметка за начинот на користење на клима-уредот во возилото – разликата во надворешната температура и температурата во возилото не треба да биде поголема од 5 до 10 степени, идеално е да биде седум степени.
Не излегувајте од возилото веднаш, туку при застанувањето исклучете го клима-уредот и отворете ги прозорците бидејќи наглата промена на температурата може да предизвика колапс и несакани последици врз организмот.
И паузите користете ги паметно
На паузите се препорачува испивање поголема количина вода и безалкохолни освежителни пијалаци бидејќи недоволна хидрираност може да предизвика ослабување на подготвеноста за процена и расудување, како и губитоци во брзината на реагирање и да предизвика поспаност и умор.
Препорака е возачот во текот на 24 часа да вози девет часа, а без пауза најмногу 4 и пол часа. После тоа, се препорачува поголема пауза, минимум од 45 минути.
Врзете се – дури и ако ви пречи појасот
Врзете го појасот, без разлика на тоа што можеби ви пречи, ве гребе и слично. Казните се високи, а вашиот живот е еден и единствен! Исто така, мора да се врзат и сите други во автомобилот – совозачот и оние што седат на задните седишта.
Доколку не сте знаеле, според одредени истражувања, употребата на појасот на предните седишта го намалува ризикот од смртни последици при сообраќајни незгоди до 50 проценти, а на задните седишта до 75 проценти!
Децата на возраст до 5 години задолжително треба да се возат во безбедносно детско седиште.
Немојте да брзате
Не брзајте и не престигнувајте на места каде што тоа не е безбедно.
Најголемиот број сообраќајни незгоди се предизвикани од непочитување на правилата за ограничување на брзината, непочитување на правилото за првенството на поминување, неправилно престигнување, посебно на места каде што тоа не е дозволено и безбедно, возење под дејство на алкохол и во состојба на зголемен умор на возачот, итн.
Запомнете! Времето изгубено во евентуален сообраќаен метеж немојте да го надополнувате со брзо возење. На тој начин го зголемувате ризикот од предизвикување сообраќајна незгода.