Во паметните телефони чуваме еден куп важни потенцијално чувствителни податоци. По нив постојано трагаат хакери кои подметнуваат лажни апликации. Еве неколку совети како да ги препознаете и како да се заштитите.

1. Држете се до проверени „продавници“ за апликации

Ова е основна мерка на претпазливост. Ако набавите апликации надвор од службените и проверени канали, се изложувате на многу поголем ризик, па со апликацијата можете да соберете и вирус или некој друг злонамерен софтвер. App Store, Google Play и другите можеби не се совршени, но барем се трудат да ги проверат апликациите пред да ги пуштат во употреба.

2. Читајте ги рецензиите за апликациите

Пред да преземете некоја апликација, прочитајте што другите кажале за неа. Немојте да се задржувате само на првите неколку, туку копајте малку подлабоко за секој случај. Имено, хакерите знаат да ангажираат луѓе кои ќе пишуваат пофалби за нивните заразни дела. Внимавајте и на сличните имиња и дали таа е вистинската апликација.

3. Читајте ги описите на апликациите

Полуписмениот или лошо напишаниот опис може да биде предупредувачки знак дека со апликацијата нешто не е во ред. Истото важи и ако описот е скуден – на хакерите не им се троши многу време на тоа.

4. Проверете ги програмерите

Не само што треба да бидете сомничави кога станува збор за името, туку треба да бидете внимателни и кога станува збор за издавачот на апликацијата. Ако се вика „Месинџер“, не значи дека станува збор токму за апликацијата на „Фејсбук“. Хакерите сметаат дека нема да бидете доволно мудри и внимателни за да проверите кои дивелопери ја издале апликацијата. Докажете им го спротивното.

5. Проверете ја веб-страницата на програмерот

Најдовте апликација која ви се допаѓа, но не знаете ништо за авторите? Интернетот е вашиот пријател. Побарајте ги и дознајте нешто повеќе за нив. Дали имаат официјална страница? Дали таа страница е заштитена со енкрипција (адресата да почнува со https://)? Дали имаат страница на Википедија? Ако одговорот е негативен за сите наведени прашања, треба да се сомневате.

 

6. Дали снимките на екранот се неквалитетни?

Слично како и кај описот на апликациите: ако снимките на екранот со кои е илустрирана апликацијата се со полош квалитет, поголеми се изгледите да имате работа со лажна апликација. На хакерите им е полесно да украдат туѓи скриншотови отколку да креираат свои.

7. Колку пати е преземена апликацијата?

Проверете колку пати е преземена апликацијата. Станува збор за груба процена, но ќе ви даде барем некаква претстава за тоа дали си имате работа со автентичен софтвер или не. Колку е поголема бројката, толку подобро. За жал, тоа функционира само во „Google Play“, затоа што Apple не објавува такви податоци.

Извор: Tportal.hr