Се чини дека американската компанија Apple е постојано пред судовите (од едната или од другата страна на тужбата), па според одлуката од 1. август 2018. година на еден суд во Калифорнија, компанијата ќе треба да плати дури 145 милиони долари како отштета на компанијата WiLan. Поротата го поддржа барањето на тужителот WiLan според кое некои од моделите на Apple телефоните нарушиле авторски патенти за безжична комуникациска технологија.

Apple најави дека ќе поднесе жалба, па се чини дека предметот уште некое време ќе се вртка низ судовите. Ова не е првпат овие две компании да се најдат пред суд. Во 2013. година, порота во Тексас одлучи дека Apple не е виновна за нарушување на еден авторски патент на компанијата WiLan. Оваа компанија започнала со работа во 1992. година и започнала да работи како производител на безжична технологија, но заради финансиски проблеми дејноста се сменила во лиценцирање на нивното портфолио. Според некои извори, компанијата сега „живее“ од тужење на компании како Apple.