Во Велика Британија во изминатата деценија е развиена култура на дигитална зависност, што значи дека повеќето жители чувствуваат потреба постојано да бидат поврзани на интернет, објави Националната агенција за телекомуникации во годишниот извештај. Во просек, Британците ги проверуваат своите паметни телефони на секои 12 минути, а 40 проценти од возрасните, мобилниот телефон го земаат в раце пет минути по будењето, објави „Офком“ во својот извештај.
Шеесет и пет проценти од лицата помлади од 35 години посегнуваат по своите телефони веднаш штом ќе ги отворат очите наутро, додека 60 отсто од нив ги користат уредите пет минути пред да си легнат, се вели во извештајот насловен како „Една деценија дигитална зависност“. Бројот на сопственици на паметни телефони во Велика Британија од 17 отсто во 2008 година, се зголемил на 78 проценти во 2018, што всушност значи дека мобилни уреди поседува 95 отсто од населението на возраст меѓу 16 и 24 години, се наведува во истражувањето.
„Офком“ вакви статистики спроведува секоја година, а во последниот извештај заклучува дека времето поминато во телефонски разговори за првпат бележи пад бидејќи луѓето за комуникација сè повеќе користат сервиси како WhatsApp, Facebook Messenger и други, кои се базирани на пристап до интернет.
„Во последната децениј, животот на луѓето драстично се промени поради зголемената употреба на паметни телефони, подобриот пристап до интернет и новите комуникациски услуги“, вели Иан Макри од „Офком“.