Во Македонија има над 400 илјади регистрирани автомобили со просечна старост од 18,7 години. Од нив над 80 отсто се постари од десет години, а речиси половината користат дизелски погон.

Според податоците на Еуростат, во Македонија на 1.000 жители има 190 возила, што е далеку под просекот во ЕУ што изнесува 505 возила на 1.000 жители.

Истовремено, Македонија во 2016 година има вкупно 259 километри автопат и 14.167 километри други патишта. За споредба Словенија со 531 возило на 1.000 жители и со речиси иста територија како нашата држава, во 2016 година има вкупно 773 километри автопати.

Податоците од МАКСтат базата покажуваат дека просечната старост на патните моторни возила во Македонија е зголемена од 18,4 години во 2016 на 18,7 години во 2017 година, додека во истиот период и бројот на автомобили е зголемен за осум илјади од 395 илјади во 2016 на 403 илјади во 2017 година.

Најголем дел од автомобилите 84,1 процент се постари од десет години, што во однос на 2016 година е зголемување од околу два проценти од 81,8 отсто. Вкупниот број на автомобили до 5 години изнесува десет илјади или 2,5 проценти од вкупниот број возила и во 2016 и во 2017 година.

Македонците се помалку купуваат нови возила

Бројот на нови моторни возила, односно гледано по прва регистрација се намалува, па така во 2017 година бројот на патнички автомобили со прва регистрација изнесува 26.609 возила, што споредено со 2016 година е намалување за околу четири илјади, кога биле регистрирани 30.423 нови возила.

Податоците на Народната банка на Македонија за кредитирањето во Македонија во јули годинава покажуваат  продолжување на надолниот тренд кај автомобилските кредити. На месечно ниво се одобрени за 0,9 проценти помалку кредити за автомобили, а на годишнбо ниво за 10,8 проценти.