Кинески Huawei Technologies најави дека ќе го зголеми годишниот буџет кој го издвојува за истражување и развој на 15 до 20 милијарди евра бидејќи сака да стане лидер во 5G технологијата. Huawei претходно инвестираше од 10 до 20 милијарди долари годишно за истражување. Лани компанијата за таа цел потроши 13,23 милијарди долари или 14,9% од вкупните приходи.

Најголемиот кинески производител на телекомуникациска опрема и паметни телефони, Huawei, ќе издвои 20%-30% од сумата за основни научни истражувања, што е повеќе од дупло од претходно планираните 10%.

Компанијата е една од неколкуте во светот кои трошат најмногу пари за истражување и развој. Amazon и Alphabet се најголемите потрошувачи на средства за таа цел во САД – во 2017 година тие потрошиле 22,6, односно 16,6 милијарди долари.

На веб страницата на Huawei пишува дека околу 80.000 вработени или 45% од вкупниот број вработени се ангажирани за истражување и развој. Зголемениот буџет на Huawei во иднина е логичен чекор затоа што се засилуваат интернационалните политички тензии, а САД, Австралија и Велика Британија ја одбиваат комуникациската технологија на Huawei поради наводна небезбедност.

Владата на Британија минатата недела објави извештај во кој пишуваше дека поради технички проблеми и проблеми со снабдувањето, опремата за вмрежување на Huawei, телеком мрежите во земјата се соочиле со проблеми со безбедноста. Во САД и во Австралија, пак, политичарите тврдат дека кинеската компанија со своите уреди го олеснува шпионирањето на кинеската влада.