Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2016 година, во однос на декември 2015 година, изнесува 103.3. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (55.8%), Информации и комуникации (9.6%) и Градежништво (7.7%). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Уметност, забава и рекреација (48.2%), Информации и комуникации (22.1%) и Стручни, научни и технички дејности (13.0%). Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2016, изнесува 23 457 денари.

Просечната нето-плата на вработен во декември 2016 година во секторот информации и комуникации изнесуваше 43.269 денари, според заводот за статистика. Во пододделот телекомуникации просекот беше 48.450 денари, а во компјутерско програмирање 66.896 денари.

Софтверските и компјутерските фирми во Македонија вработуваат околу 15.000 луѓе, што претставува околу 2 отсто од вкупниот број вработени. ИKТ-индустријата ја сочинуваат, главно, мали претпријатија со десетина вработени, но има и поголеми со стотина работници.

Официјалното соопштение на заводот за статистика можете да го погледнете овде

Како е можно ова?

Одговорот е многу едноставен: причината за високите плати на програмерите доаѓа како резултат на фундамендалните економски законитости – понуда и побарувачка. Кога побарувачката е поголема од понудата, цената оди нагоре и обратно. Во случајот со програмерите (или девелоперите, сеедно) побарувачката за нив е многу поголема од понудата.

Зошто се толку барани програмерите?

Ќе ви го објаснам ова со пример. Замислете за момент дека имате некаква продавница. Дури и да се наоѓа (во идеален случај) во некој голем трговски центар, на пример, во Сити Мол во Скопје, бројот на посетители кои ќе ја посетат вашата продавница е ограничен. Од друга страна, продажба во физичка продавница подразбира и големи фиксни режиски трошоци (за кирија, вработени, осигурување…) и ограничено работно време. Од друга страна, продавница која ги продава истите артикли на интернет ги нема овие ограничувања. Ако ги тргнеме на страна режиските трошоци, најголемата предност на интернет продавницата е што, освен што работи 24/7/365, има можност да опслужи купувачи од целиот свет.

Поради ваквите очигледни предности, веќе одамна се случува глобална трансформација не само на трговијата во е-трговија, туку и на секоја пора од начинот на живеење. Причина за сето ова е интернетот кој овозможи светот да стане едно глобално село во кое до секој човек (или клиент) сте одалечени само еден клик.

Разбирливо, во центарот на овие случувања се програмерите но и сите останати сродни специјалисти. Поради тоа, побарувачката за нив на глобално ниво е огромна, вклучувајќи ја и тука и Македонија.

Како стојат работите во Македонија

Македонија е земја која по многу параметри се наоѓа на дното во Европа но тоа не мора секогаш да биде и така лоша работа. Во Македонија животните трошоци се меѓу најниските во Европа, а паралелно со тоа и платите се исто така меѓу најниските. Од гледна точка на Америка, Канада, Германија, Британија, Австралија или било која друга високо развиена земја, Македонија е извор на евтина работна сила па затоа оние кои сакаат да си ги намалат трошоците во работата избираат да ангажираат поединци или цели тимови од земји како нашава. Токму поради оваа причина Македонија е атрактивна дестинација за компании од најразвиените земји.

Во Македонија најголем процент од компаниите делуваат во област на аутсорсингот, односно обезбедување определени услуги за странска компанија. Иако најголем број од фирмите кои работат во оваа област се македонски, постојат и голем број странски фирми кои имаат отворено свои канцеларии и вработуваат секаков вид ИТ специјалисти. Имајќи предвид дека станува збор за извозно ориентирани услуги, и уште поважно, ако се има предвид за колкав пазар станува збор, јасно е дека жедта за информатички и веб специјалисти никогаш нема да може да се задоволи.

Што значи ова за вас?

Имајќи ги предвид сите горенаведени работи, заклучокот е сосема јасен – ако одберете да градите кариера во оваа област, иднината ви е практично гарантирана. Се разбира, ако ги стекнете потребните знаења и вештини. Ако тоа успеете да го направите тогаш без никаков проблем ќе можете:

  • да дојдете до добро платено работно место,
  • да работите како фриленсер за клиенти од целиот свет, или
  • да основате своја фирма и да работите за странски клиенти.

Целосниот текст можете да го прочитате на веб-сајтот на Веб Академија Еверест