По новата продавница во Сиетл, Amazon планира да отвори нови продавници и во Сан Франциско и Чикаго.
Amazon пред две години прикажа како ја замислува иднината на купување во продавници – наместо класичниот начин на купување каде што луѓето чекаат во редици на касите и плаќаат со картички или со кеш, компанијата на Џеф Безос има друга визија. Купувањето ќе биде многу поедноставно – при влегување во дуќан ќе биде доволно да се пријавите со смартфон, да ги земете работите кои ви требаат и да излезете од продавница. Сето тоа без скенирање на артиклите и без чекање и плаќање на каса – сите производи, секако, ќе се наплатат, но на побрз и поедноставен начин.
Во ваквите продавници се наоѓаат голем број камери и сензори кои следат се што земаат луѓето од полиците и го ставаат во кошничката, а кога луѓето ќе ја напуштат продавницата, парите автоматски се одземаат од нивната сметка. При влегувањето во продавница потребно е најпрвин да се пријавите со сметката на Amazon, која е поврзана со платежната картичка, така што компјутерот знае точно за која личност станува збор и од нивната картичка да ја наплати купената стока.
Досега оваа компанија отвори една таква продавница во Сиетл, а според новите информации, Amazon наскоро планира да отвори уште една продавница без каси во истиот град. Оваа продавница би требало да биде речиси два пати поголема. Освен поголемата понуда на производи, во продавницата се очекуваат и поголем број на купувачи. Тоа е битно за компанијата да може да ги тестира своите системи и кога има поголем број купувачи.
Некои аналитичари сметаат дека токму ситуациите во кои има голема гужва може да бидат проблематични бидејќи прашање е дали камерите и сензорите можат да ги следат сите луѓе кои земаат артикли од полиците и можат ли да ја наплатат точната сума. Освен Amazon, на развојот на слични продавници, наводно, работи и Walmart во соработка со Microsoft, но моментно не е познато кога и каде ќе се отвори првата таква продавница. Што се однесува до Amazon, тие уште претходно најавија отворање на Go продавници во повеќе градови. По Сиетл, на ред се Сан Франциско и Чикаго.
Извор: Zimo.hr
Поврзани артикли