Американските власти дозволија кинескиот производител на телекомуникациска опрема ZTE да продолжи да работи со американски компании.
Со тоа привремено е суспендирана забраната воведена поради извозот што технолошкиот гигант го изврши во Иран и Северна Кореја, кршејќи ги санкциите на Вашингтон.
На компанијата ZTE ќе и биде дозволено да работи со американски компании за одржување на постоечките телекомуникациски мрежи и мобилни телефони и за поддршка во сегментот за безбедност, соопшти Канцеларијата за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД.
Дозволата ќе трае до 1 август. Кинеската компанија, со седиште во јужниот град Шенџен, ги прекина повеќето деловни операции откако во април оваа година и беше забрането да купува американски компоненти и технологија.
Во март 2017 година, ZTE ја призна вината и се согласи да плати казна од 1,19 милијарди долари отштета поради испорака на опрема во Иран и Северна Кореја, спротивно на регулативите на САД. Компанијата вети дека ќе ги казни вработените кои беа вклучени во тоа, но од Министерството за трговија оваа недела предложија наместо казна да им се исплатат бонуси.