Спроведеното истражување покажа дека некои апликации, без знаење на корисниците снимаат видеа и слики од екранот и им ги испраќаат на аналитичките компании.
Едно од многуте прашања на кои Марк Цукерберг и неговиот тим од Facebook мораа да одговорат по објавувањето на информациите за споделувањето на корисничките податоци од „Кембриџ аналтика“ беше поврзано со наводното прислушување и шпионирање на паметните телефони. Според некои тврдења, паметните телефони, односно апликациите прислушуваат разговори на корисниците за да дознаат повеќе информации за нивните интереси и да ги искористат за прикажување на огласите.
Во тој контекст се споменува и Facebook – некои корисници од оваа мрежа тврдат дека по телефонските разговори им се прикажале некои производи што ги споменале во текот на разговорот. Facebook ги одби овие тврдења и уверува дека не ги прислушува и не ги шпионира корисниците, а научниците од Универзитетот „Нортист“ спровеле истражување помеѓу повеќе од 17.000 најпопуларни апликации за Android за да дознаат дали овие апликации ги прислушуваат корисниците.
Добра вест е дека не пронашле докази за прислушување и шпионирање, но откриле некои загрижувачки методи со кои се служеле девелоперите на апликациите – научниците откриле дека некои апликации ги снимаат екраните на корисниците и им ги испраќаат на трети страни.
Како еден пример ја навеле апликацијата GoPuff, која снимила видео од екраните на корисниците и тие снимки ги испратила на аналитичката компанија „Еп Си“. Не е необично апликациите да ги собираат и испраќаат податоците на аналитичките компании што им помагаат во подобрувањето на ефективноста, но проблемот е дека во правилата за користење на приватноста на GoPuff нема никакви информации за оваа практика и начинот на снимање и споделување на податоците.
Научниците велат дека ова е голем проблем бидејќи покажува колку е едноставно да се снима она што луѓето го прават на своите телефони и дека на овој начин апликациите можат да снимат видеа или фотографии од приватните пораки, внесувањето на лозинките и слично – така, без никакво знаење, корисниците би можеле да дадат чувствителни и важни информации кои би можеле да се искористат за измами, напади, крадење на личните податоци, празнење на банкарските сметки и слично.