Овие денови има се повеќе протечени информации за претстојниот Samsung Galaxy Note 9, така што имаме јасна слика за тоа што можеме да очекуваме од идниот фаблет уред на Samsung, чие претставување е најавено за 9. август.
Секако, ова не значи дека гласините и протечените детали за уредот ќе престанат да се појавуваат. Сега имаме најнов сет на протечени рендери, кои ни даваат увид во тоа како ќе изгледа Galaxy Note 9. Како што и претходно е сугерирано, телефонот нема да имплементира некои посебни измени кога е во прашање дизајнот.
Тука и натаму е заоблениот преден панел, без засек во екранот и со тенки рамки. Единствената работа која е поинаква во однос на претходниот модел е позицијата на сензорот за отисок на прстот за да се избегне случајното замачкување на објективот на камерата.
Треба да се напомене дека рендерите се базирани на претходните гласини за Galaxy Note 9 и дека веројатно не се 100 проценти прецизни, но би требало да бидат прилично блиску до она што конкретниот уред ќе го имплементира.