Вкупно четири пати годишно ќе излегува магазинот „Grow“ што е првото печатено издание на најголемата социјална мрежа во светот, „Фејсбук“.

Магазинот ќе биде наменет претежно за бизнис секторот, односно за лицата што се занимаваат со претприемништво и но и со креативни индустрии.

Објаснувањето и најавата за новото списание се објавени на блогот на „Фејсбук“, каде се вели дека „Grow“ е продолжение од нивна маркетинг програма. Целта на програмата е да им се помогне на лидерите од бизнис секторот да бидат информирани со нови искуства и иновации што би им помогнале во напредувањето на пазарот.

Содржината на магазинот, во електронска верзија, ќе биде достапна преку Фејсбук страницата „Grow by Facebook“, како и преку другите дигитални платформи како „Инстаграм“ и „Линкдин“.

Според објаснувањето во блогот, печатените изданија на магазинот, пак, ќе бидат дистрибуирани во бизнис-класите на одредени аеродроми и возови. Идејата е да им се овозможи на „зафатените“ бизнисмени, кои патуваат долго, да имаат содржина во која ќе пронајдат теми што се интересни за нив.

„Знаеме дека лидерите во бизнисот имаат ограничено време за читање долги содржини додека се на работа. Затоа направивме печатена верзија, што може да се консумира за време на патувањата“, се вели во објаснувањето за новиот магазин.

За печатената верзија на магазинот сè уште не е изработена стратегија за наплата, а во него ќе нема ниту реклами. Целиот проект со списанието му е доделен на северно европскиот маркетинг тим на „Фејсбук“.

Во магазинот веќе се застапени повеќе текстови, меѓу кои и приказна за трансформацијата на Париз во глобален стартап-хаб, како и интервју до Оскар Олсон од „H&M“, одноговрен за новиот  „милениумски“ бренд „Nyden“.