Најбогатите луѓе во Кина се подготвени за претстојната првична јавна понуда (IPО) на Xiaomi во Хонг Конг, пишува Bloomberg.
Поранешниот претседател на CK Hutchinson, Ли Ка-шин, познат во поранешната британска колонија како „супермен“ поради својата бизнис генијалност, планира да инвестира 30 милиони долари за нејасно колку голем дел од кинескиот производител на смартфони, тврдат запознаени извори.
Основачот на Alibaba, Џек Ма и претседателот на Tencent, Пони Ма, кои се двајцата најбогати во земјата, исто така, одлучија да земат удели од Xiaomi, тврдат извори кои посакале анонимност.
Тројцата милијардери се приклучуваат на група големи корпорациски имиња, кои даваат поддршка за IPO на Xiaomi, кое може да собере до 6,1 милијарди долари. Најголемиот телекомуникациски оператор China Mobile и американскиот производител на чипови Qualcomm се меѓу оние кои се согласиле да учествуваат како инвеститори, покажуваат условите на договор, разгледани од Bloomberg.
Вклучувањето на Ли може добро да влијае на индивидуалните инвеститори во Хонг Конг, каде пензионираниот бизнисмен е речиси славен. Тој инвестира во Фондацијата Li Ka Shing, вели еден од изворите. За учеството на Ли првпат се пишуваше во Hong Kong Economic Journal.
Претставниците на Alibaba Group Holding и CK Hutchinson не го коментираа веднаш прашањето. Tencent не успеа да одговори на барањето.