Технолошките компании во изминатите неколку месеци покажуваат дека се заинтересирани за елиминирање на лошите навики на нивните корисници. Со тоа Facebook одлучи да воведе опција која ќе покажува колку време поминувате на оваа социјална мрежа.
Опцијата наречена “Your Time on Facebook” не е најнова во дигиталниот свет. Оперативните системи како Android P и iOS 12 веќе им нудат можност на корисниците да проверат колку време поминуваат на нивните паметни телефони.
Новата опција на Facebook ќе им прикажува на корисниците колку време поминуваат секој ден во прегледување, лајкнување и коментирање на објави. Оваа опција исто така ќе нуди можност за лимитирање на користењето на Фејсбук, што значи дека корисниците ќе можат да постават граница колку долго сакаат да бидат на Facebook, а социјалната мрежа ќе ги предупредува во случај на надминување на поставениот лимит.
Компанијата Facebook потврдила дека работи на развој на новата опција, но не и кога истата ќе им биде достапна на корисниците. Според неофицијални информации, Инстаграм исто така развива слична опција.