Туристите на плажите во Тајланд оставаат премногу отпадоци, а властите го забранија пушењето и воведоа остри парични казни и казна затвор за оние кои ќе го прекршат законот. Исто така, службата задолжена за чистење доби помош.

Се работи за роботот под името beachbot, кој е дизајниран и произведен на Тајланд. Тој се движи по плажата и го собира сметот на кој ќе наиде, пишува BBC.

Роботот всушност го собира и го просипува песокот, а ги задржува крупните остатоци. На поминати 80 метри, роботот собира дури четири килограми смет. Со него се управува со помош на далечински управувач.

Тимот кој го разви роботот моментно работи на втор прототип кој ќе може да ги одвојува школките од сметот. Целта е да се заштитат плажите и за тоа да се едуцираат помладите генерации.