Иако многумина негодуваа кога Марк Цукерберг најави издвојување на Messenger од мобилната апликација на Facebook, на поголем дел од корисниците не им преостана ништо друго туку да ја преземат апликацијата на своите мобилни уреди и да продолжат со допишување со (виртуелните) пријатели преку посебна апликација, која им зазема уште драгоцен простор на телефонот.

Причините поради кои во Facebook се одлучија на ваков чекор, секако, не беа барањата на корисниците или подоброто искуство на користење, туку создавање на уште една платформа на која ќе можат да се прикажуваат реклами, односно на која Facebook ќе може да заработува.

Во рамките на Messenger веќе околу година и половина се прикажуваат реклами кои се сместени помеѓу разговорите, а Facebook сега подготвува еден новитет кој нема да им се допадне на поголем дел од корисниците. Имено, освен таквите статични огласи во Messenger наскоро ќе се прикажуваат и видеоогласи кои автоматски ќе стартуваат кога ќе бидат прикажани на екранот.

Иако некои незадоволни корисници би можеле да најават бојкот на Messenger и да се свртат кон други апликации за комуникација како WhatsApp, Viber и слични, досегашното искуство со корисниците на Facebook покажа дека поголем број корисници, и покрај незадоволството, и остануваат верни на мрежата на Цукерберг и неговата платформа за комуникација.

Што се однесува до Facebook, причината поради која се одлучи за оваа опција е јасна – видеоогласите се поскапи во однос на класичните реклами, па можеме да очекуваме зголемување на приходите од рекламите во рамки на Messenger.