Во пресрет на почетокот на Светското првенство, компанијата за вештачка интелигенција, Unanimous A.I. ги објави своите предвидувања за првенството. Важно е да се напомене дека вештачката интелигенција на оваа стартап-компанија точно го предвидела резултатот на Супер боулот.

Предвидувањата на оваа компанија се базирани на таканаречена „swarm“ вештачка интелигенција што користи единствена комбинација на експертиза на луѓе, односно врвни познавачи на фудбалот и алгоритми на вештачката интелигенција, така што системот е „попаметен“ и од луѓето и од машините.

Принципот на пресметување е следен – група експерти се поврзуваат со интернетот со помош на алгоритми на вештачката интелигенција и им се овозможува заедничко размислување како единствен систем, а нивните предвидувања се оптимизирана комбинација на нивното индивидуално знаење, мудрост, интуиција и инстинкт.

– За разлика од традиционалните вештачко интелигентни системи, „swarm“ технологијата може да се соочи со различни проблеми за брзо време, без тренирање на посебни податоци поврзани со предметот на кој се однесува – изјави Луис Росенберг, основач и извршен директор на компанијата.

Тој додаде дека разликата е во тоа што нивниот модел користи знаење и инстинктите на луѓето што одлично ја разбираат материјата во реално време, додека нивните алгоритми се веќе истренирани за човечко однесување.

Со оглед на тоа, нема потреба да тренира самиот алгоритам со информации за светското првенство, фудбалските репрезентации и резултати, туку е доволно да се искористи знаењето на голем број човечки експерти и останатото да се препушти на вештачката интелигенција.

Како најверојатен победник на првенството системот ја избра репрезентацијата на Германија, која има 53,17 отсто шанси да го освои првенството, а потоа следуваат Бразил (51,35 отсто), Шпанија (45,37 отсто) и Франција (44,78 отсто)

Извор: Zimo.hr