До 2030 година во ЕУ, 32 проценти од енергијата која се консумира, ќе мора да биде произведена од обновливи извори на енергија, што претставува поамбициозна цел од онаа предложена од Европската Комисија начелно, која беше 27 отсто.
Ова е резултатот на преговорите кои се водеа помеѓу Европскиот Парламент и Советот на ЕУ, а директивата ќе треба да биде ревидирана во 2023.
Постинат е договор и за минимална стапка од 14 проценти обновлива енергија во горивата за транспорт, со тоа што биогоривата од прва генерација не смеат да претставуваат повеќе од 7 отсто од финалната консумација на гориво во транспортот. Истовремено, директивата предвидува поголема стапка на биогоривата од втора генерација.
Биогоривата од прва генерација се произведуваат, меѓу другото, од сончогледово масло, масло од соја или од палма, или од етанол. Биогоривата од втората генерација, пак, се базираат на отпадот од производството на етанол и житни култури, и се сметаат за поеколошки.
Парламентот и Советот се согласија исто така дека палмовото масло ќе треба да биде целосно забрането до 2030. Овој договор ќе треба да биде одобрен од страна на министрите и на европратеници пред да стапи на сила. Целта е директива да стапи на сила во 2021.
– Овој финален резултат испраќа јасен сигнал до енергетскиот сектор: инвеститорите знаат во кој правец се движи ЕУ. Притоа, ќе има и ревизија за да се усогласи директивата со Парискиот договор. Создаваме и одреден број услови кои ќе го направат поактрактивно производството на чиста енергија за домаќинствата, изјави Бас Екхоут, известувач за комисијата за животна средина на Европскиот Парламент.
Поврзани артикли