По повод Светскиот ден на океаните (8 Јуни), новиот извештај на Светскиот фонд за див свет (WWF) предупредува на рекордната загаденост со микропластика која им се заканува на морските видови и човековото здравје и апелира владите, компаниите и поединците да преземат мерки за намалување на загаденоста со пластичен отпад во урбаните, крајбрежните и морските средини на Медитеранот и на глобално ниво.

Извештајот укажува на драматичните последици што прекумерната употреба на пластика, лошото управување со отпадот и масовниот туризам ги оставаат врз најпосетените региони во светот.

Пластичните производи денес сочинуваат 95 проценти од отпадот што лебди во Средоземното Море или е оставен во крајбрежниот регион. Најголем дел од пластичниот отпад во морето доаѓа од Турција и Шпанија, по што следуваат Италија, Египет и Франција. Поради зголемениот туризам, количеството на морскиот отпад секое лето се зголемува речиси 40 проценти.

Пластичните делови од отпадот често ги повредуваат, задушуваат и убиваат морските животни вклучувајќи и заштитени и загрозени видови, како морските желки и медитеранските фоки.

Според извештајот, одложувањата и лошите одредби во управувањето со пластичниот отпад во повеќето од медитеранските земји се меѓу главните причини за загадувањето со пластика.

Од 27 милиони тони пластичен отпад, кој секоја година се продуцира во Европа, само една третина се рециклира. Половина од пластичниот отпад во Италија, Франција и Шпанија завршува на депонии. Рециклираната пластика во моментот учествува само со шест проценти во побарувачката за пластика во Европа.