Германија нареди повлекување од продажба на 60 илјади возила Audi А6 и Audi А7, откако е откриен „нелегален софтвер“, способен да прикажува лажно ниво на емисија на штетни гасови, соопшти германската сојузна Агенција за автомобили КБА.
Станува збор за возила кои се продадени во Европа, а 33 илјади возила се со мотор по стандардот Еуро 6. КБА покрена истрага поради сомнеж за манипулација, по што Ауди соопшти дека работи на подобрување на софтверот.
Според наодите на весникот Шпигел, измамата се однесува на системот против загадување АдБлу, течност која го „впива“ азот-диоксидот. Системот за контрола на моторот го ограничува вбризгувањето на скапата течност на помала количина од потребната меѓу два технички прегледи и на тој начин ја зголемува емисијата на штетни гасови. Скандалот ја чинеше фирмата повеќе од 25 милијарди долари поради повлекување на возилата и судски постапки.