Класичниот тркачки модел на Ferrari – 250 GT е продаден за рекордни 70 милиони долари, со што стана најскапиот автомобил во светот.

Овој автомобил со богата историја припаѓа на таканаречената Серија 1 и има број 4153 GT на шасијата. Натпреварувачко деби имал на познатата трка 24 часа Ле ман во 1963 година и завршил на 4. место. Потоа, во 1964 година победил на трката Тур де франс. Оваа трка важеше за една од најважните автомобилски трки во светот.

По ова учествувал уште во неколку трки, а потоа во периодот од 1969 година му се губи секаква трага, за во 1980-тите повторно да се појави на трка со нов сопственик.

Најновиот сопственик на ова Ferrari е директорот на компанијата „WeatherTech“, Дејвид Мекнил, кој поседува колекција на класични автомобили од марката „Ферари“.

„Ferrari 250 GTO“ важи за еден од најценетите автомобили во историјата на оваа компанија. Една од причините за тоа е дека станува збор за многу редок автомобил – произведени се само 33 примероци од Серија 1. Бројот 250 ја означува големината на моторот.

„Ferrari 250 GTO“ бил скап и како нов – во САД се продавал за 18.000 долари, што пред 55 години претставувала значително голема цена за автомобил.