Покрај новите мобилни телефони, компанијата Xiaomi во текот на медиумскиот настан најави уште некои нови уреди. Претставени се и Mi Band 3 фитнес нараквицата, самостојната Mi VR кацига, како и 75-инчниот Mi TV 4.
Xiaomi Mi Band 3 е најновиот модел на популарниот фитнес тракер на компанијата. Иако е најавен минатата недела, Xiaomi сега објави повеќе детали за уред. Mi Band 3 има OLED дисплеј, кој овој пат има и тачскрин функција и големина од 0,78 инчи. Компанијата истакнува дека овие подобрувања ќе овозможат подобро искуство на прегледување пораки и одговарање на повици. Физичкото копче и натаму е тука, за уредот полесно да се контролира. Според наводите на Xiaomi, Mi Band 3 има батерија која со едно полнење може да издржи до 20 дена, а тука е и водоотпорноста на длабочини до 50 метри.
Xiaomi Mi VR е самостојна VR кацига која е развиена во соработка со Oculus. За кацигата прв пат слушнавме во текот на годинашниот CES и практично се работи за ребрендиран Oculus Go модел. Ова значи дека Xiaomi Mi VR има 2K fast switch екран, како и интегрирани звучници и 3.5 мм приклучок. Го покренува Snapdragon 821 процесорот и има преку 1000 Oculus оптимизирани игри. Со се може да се управува преку интегриран контролер.
Xiaomi Mi TV е 75-инчен LED телевизор кој доаѓа од погоните на Xiaomi. Телевизорот поддржува 4K HDR видео и опремен е со Xiao AI гласовен асистент. Според наводите на компанијата, уредот им овозможува од своите дневни соби да нурнат во искуство слично на кино.