Претстојниот оперативен систем на Apple, iOS 12 ќе им покажува на корисниците колку време поминуваат користејќи го својот iPhone.

Претходно овој месец Google објави дека Android P се развива со фокус на “дигиталното здравје”. Ќе ја содржи Dashboard секцијата фокусирана на корисниците, која ќе им покажува колку време поминуваат при користење на уредот, но и на одредените апликации. Dashboard ќе понуди и податок за бројот на отклучувањата на смартфонот во текот на денот.

Се чини дека Apple прави нешто многу слично. Во понеделник компанијата ќе го претстави новиот iOS 12 и секцијата Digital Health во менито на подесување. Ќе содржи низа алатки кои ќе покажуваат колкаво време минувате во користење на iPhone и iPad. Веќе денес постојат одредени начини за тоа, бидејќи можете да изберете подесување на батеријата и да кликнете на апликациите за да видите колку долго се вклучени. Меѓутоа, собирањето на сите тие податоци на централна локација е многу подобро и покорисно.

Земајќи го во предвид вообичаениот распоред на Apple, iOS 12 ќе го добијат корисниците во септември, само неколку седмици откако Android P ќе пристигне на Pixel смартфоните на Google. Оваа година, двете компании пробуваат да им помогнат на корисниците да направат поздрав баланс помеѓу гаџетите и животот.

Bloomberg наведува дека iOS 12 ќе има подобрена и понапредна верзија на AR платформата на Apple, ARKit. Корисниците ќе добијат режим со помош на кој ќе можат да играат AR игри против други играчи во исто виртуелно опкружуавање, како и режим што овозможува “фрлање” на објекти на одредена локација со тоа што виртуелно остануваат на тоа место.

Освен тоа, iOS 12 како приоритет ја има стабилноста и брзината, но ќе има и нови можности и одредени редизајни. Минатогодишниот iOS 11 имаше проблеми со перформансите и баговите.