Дали се сеќавате на маката која ја имавме како деца – каде и како да нацртаме вистински терен за фудбал? Во време кога трчањето по топката беше единствена грижа, пронаоѓавме креди, цигли и камења за да исцртаме линии на фудбалски терен, на кои се играа најважните натпревари во нашиот живот.

Денес кога технологијата е далеку понапредна, компанијата Nissan претстави автономен робот наречен “Pitch-R” кој самостојно може да исцртува линии на фудбалските терени, каде и да има доволно место за тоа.

Јапонскиот производител на автомобили го претстави роботот на финалето на Лигата на шампиони во Киев. Инспирирани од возачката технологија “ProPILOT”, брендот Nissan го креирал “Pitch-R” кој има систем со четири камери, GPS тракинг и технологија за избегнување на судар, овозможувајќи му да црта бели линии на трева или асфалт со употреба на боја која се раствора.

Кога роботот ќе се вклучи и ќе започне со работа, тој може самостојно да се движи и да го анализира своето опкружување во вистинско време, додека во истовреме ја скенира околината за да го одбере идеалното место за цртање на фудбалски терен. “Pitch-R” може да заобиколува препреки и да црта линии по нерамни површини.

Како што велат од Nissan, “Pitch-R” за помалку од дваесет минути исцртува терен за игра пет на пет, седум на седум или единаесет на единаесет.

“Лигата на шампиони е настан на кој учествуваат најдобрите фудбалери на светот. Но, сите тие играчи ги започнале своите кариери како и секое друго дете – со употреба на камчиња за голови и креди за одбележување на линии на теренот, со цел “правилно” да ја играат играта која ја сакаат”, изјавил потпретседателот на Nissan, Роел де Вриес.

“Тоа е страст која ги наведе нашите тимови на дизајнери и инженери да го креираат “Pitch-R”. Тој во себе го содржи најдоброто од технологијата на Nissan, како и иновации кои ќе имаат големи бенефиции за фудбалските терени”, додал потпретседателот за маркетинг на Nissan, Жан-Пјер Диерназ.

Извор: Muskimagazin.rs