Јужноафриканска компанија во продажба пуштила посебен тип млеко наречено Entomilk, направено од одгледувани инсекти. Entomilk се рекламира како суперхрана на иднината.
„Entomilk е одржлива, природна, хранлива и вкусна храна без лактоза. Тоа е алтернативен млечен производ на иднината“, наведува компанијата Gourmet Grubb на својата интернет-страница.
Инаку, пред две години на пазарот се појави сличен производ, наречен „млеко од бубашваби“ кое се собира од посебен вид на таков инсект (лат. diploptera punctata), со потекло од Хаваите.
Станува збор за единствениот вид познат меѓу бубашвабите кој раѓа живи младенчиња наместо да положуваат јајца. Нивото млекото беше рекламирано како полно со протеини, масти и шеќер. Производот, сепак, не се здоби со посебна популарност на пазарот и не беше многу застапен на полиците во маркетите поради непривлечното име и недоволните истражувања.
Една студија спроведена во Индија во 2016 покажа дека млекото од бубашваби содржи трипати поголема енергетска вредност отколку истата количина на кравјо млеко.
„Сепак, немаме доволно научни докази дека оваа храна е 100 отсто безбедна за човечка консумација“, рекол тогаш Субраманијан Рамасвами, водечки автор на истражувањето.