Познатата македонска прехранбена компанија Макпрогрес Виница продолжува да биде пионер во поддршката на националната економија, иновативните технологии и општествената одговорност. Денес, Макпрогрес Виница официјално склучи договор и објави дека ќе користи обновлива енергија во својата фабрика Винчини, и тоа со првата македонска компанија за производство на фотоволтаични соларни модули – Пиксел Груп.
Со договорот предвидена е изградба на 252 kW фотоволтаична централа на покривот на фабриката Винчини во Виница, со што Макпрогрес Виница станува првиот инвеститор кој ќе вгради фотоволтаични панели произведени во Македонија со кои директно ќе помогне кон зачувување на животната средина.
„ Со оваа инвестиција Макпрогрес Виница придонесува за зголемување на искористувањето на обновливи извори на енергија во Република Македонија, и ги повикува и останатите компании во нашата држава да го следат овој пример на меѓусебна поддршка. Македонското сонце преку првите македонски соларни панели, за прв пат ќе се користат во македонска компанија, која извезува македонски производи низ целиот свет” изјави г. Глигор Цветанов – Извршен Директор на Макпрогрес Виница.
Макпрогрес е и една од најуспешните извозно ориентирани компании, чии производи се продаваат на пазарите во над 55 држави во светот. Избирајќи да ја даде довербата на првиот македонски производител на фотоволтаични панели придонесува за развојот на македонската економија и искористувањето на обновливи извори на енергија какво што е сонцето.
Пиксел Груп е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот, со површина од 1500 метри квадратни и со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули, нам подобро познати како соларни панели.
Поврзани артикли