1. Знаат каде живееме

Идентитетот на секој компјутер е определен со IP-адреса која содржи податоци за градот, регионот во државата и други слични информации. Сопствениците на интернет страниците сакаат да знаат што повеќе за луѓето што ги посетуваат за да им понудат најрелевантна содржина.

За да ја дознаете сопствената, одете на Google и внесете: Која е мојата IP адреса. За да отидете чекор натаму и да видите како тоа се преведува на географското место, одете на IPLocation.net. Веб страницата веднаш ќе ви ја покаже IP адресата и се што може да дознае за вас.

2. Кој ги користи податоците од IP-адресата?

Овие информации обично ги собираат и поголемиот број апликации за коментирање. На пример, една од најпопуларните апликации за коментирање, Disqus, на сопствениците на интернет-страницата им ги овозможува IP-адресите на сите што оставиле коментар.

Тие информации се многу корисни за модерирање на коментарите. Платформата Disqus ја користи IP-адресата од оние што коментираат за да идентификува што е корисно за препознавање на лицата што ги кршат правилата и ја злоупотребуваат платформата. Кога ќе ги откријат, може да ја блокираат нивната IP-адреса, со што би ги спречиле од натамошно коментирање.

3. Како да ја сокриете IP-адресата?

Луѓето најчесто користат VPN за да се заштитат. Бесплатната страница hide.me овозможува да изберете земја на потекло на вашата IP-адреса. Оваа бесплатна услуга го пренасочува вашиот сообраќај преку друг сервер што се наоѓа во таа земја. Ако сакате трајно решение, подобро е да се претплатите на евтина VPN-услуга и да ја користите за сè. Имајте на ум дека иако ја криете IP-адресата од страницата, VPN-серверот и натаму ја знае.

4. Информации за системот и демографски податоци

Повеќето интернет-страници користат скрипта за огласи или скрипта за анализа на интернет-локациите, со цел да соберат повеќе информации за нас. Нивните сопственици може да соберат податоци за видот на пребарувачот, оперативниот систем, резолуцијата на екранот, па дури и верзијата на Flash што ја користите. На пример, ако останете вклучени на вашиот профил на „Гугл“ додека пребарувате на интернет, „Гугл“ може да ги открие вашата возраст и полот врз основа на содржината што ја пребарувате.

Тие информации им се достапни на интернет-страниците преку „Гугл аналитика“ и ги користат за подобро прикажување огласи, односно таргетирање. Но, важно е да се напомене дека преку овие скрипти не може да се соберат почувствителни информации затоа што немаат пристап до таквите информации за нас.

5. Што собираат во тој случај?

Сè што можат да соберат е она што можат да го „видат“, што во основа е лесно достапна информација за софтверот и хардверот што ги користиме за поврзување на интернет. Другото, како возраста и полот, се заснова само на погодување и не е секогаш точно.

6. Како може да се скријат демографските податоци?

Едно од решенијата е блокатор на огласи, кој во суштината го спречува правилното функционирање на тие скрипти. Но, со блокаторите постојат неколку големи проблеми: повеќето ги спречуваат корисните интернет-апликации да работат правилно, доведуваат до губење на некоја содржина, слободниот пристап до вестите за чие следење се плаќа, затоа што блокаторите не ги разликуваат злонамерните скрипти на огласите од оние сигурните.

Ако сте загрижени за вашата сигурност, постојат две нешта што можете да ги направите. Едната можност е користење на VPN, како што споменавме и претходно. Другата е да не пристапувате до профилот на „Гугл“ додека пребарувате на интернет, или како алтернатива – користете пребарувач насочен на приватноста, како што е DuckDuckGo.

7. Дали постои подобро решение од блокатори?

Се разбира. Блокаторите се програмирани само да го блокираат приказот на огласите, а нема да ве заштитат од заканата. Но затоа можете да го преземете следниов чекор: оневозможете ги Flash и Silverlight, со оглед на тоа што тие се слабите точки што ги злоупотребуваат огласувачите, инсталирајте некоја од најдобрите антивирусни програми или инсталирајте добар додаток на антивирусот наменет за пребарувачот.

8. Знаат кои луѓе ви се дел од семејството, а кои пријатели

Еден од изворите на лични податоци се социјалните мрежи. Многу луѓе без размислување споделуваат лични информации што потоа лесно се искористуваат.

Ако сакате да видите колку интернет-локации и услуги имаат пристап до вашите податоци, пристапете на профилот на „Фејсбук“, кликнете на Поставки, потоа на левата лента изберете Апликации и интернет-места. Ако постојат некои што не ги препознавате, кликнете на нивната икона, а потоа на Отстрани, за да се ослободите од тој пристап.

9. Како да се ослободите од следење на „Твитер“?

Истото можете да го направите и на профилот на „Твитер“, со кликање на иконата на профилот, потоа на Поставки и Приватност, па на Апликации на левата навигациска лента. Ако тука постојат нешта што не ги препознавате, само отповикајте го пристапот.

Друг важен чекор што треба да го преземете е заклучување на корисничкиот профил, па така ги заштитувате осетливите податоци.

10. Ги знаат вашата адреса, телефонскиот број и електронската пошта

Потсетете се на колку места на интернет сте се пријавиле со електронската пошта. Многу луѓе не сфаќаат дека информациите се приватни и дека во погрешни раце може да се искористат на необичен начин, но желбата за користење на некои услуги на интернет или на некои апликации често ја надминува желбата за приватност.

Тоа не значи дека никогаш не треба да се пријавите на таков начин, но не толку често. Погрижете се вашиот избор да бидат страници на компании во кои имате доверба.

11. Знаат што сакате

Дали знаевте дека интернет-страниците може да откријат кое ви е омилено хоби или какви интереси имате, секогаш кога ќе ги посетите? Проверувањето на историјата на вашите пребарувања може да се приспособи на содржината според вашите интереси, а тоа го овозможуваат „колачињата“.

„Колачињата“ потхрануваат со информации за интернет-локацијата што ја посетувате, како на пример, идентификација на сесиите (на тој начин страниците знаат дека сте вие кога повторно ќе ги посетите), поставките на интернет-локацијата и други информации. Познати се како колачиња од прва страна и се многу безбедни, а загриженоста поради заштитата на податоците произлегува од оние што се познати како колачиња од трета страна.

12. Што се колачиња од трета страна?

Нема разлика помеѓу функционирањето на колачињата од прва и од трета страна и на она што го следат. Единствена разлика е во тоа што компанијата од трета страна што управува со колачињата знае повеќе за вашите навики на пребарување на сите страници со кои управува.

Технички, колачињата од трета страна не се опасни и имаат пристап само до оние информации што доброволно им ги давате на интернет-локациите. Не ја складираат историјата на пребарувањата, нити бројот од социјалното осигурување или бројот од кредитната картичка и не може да ве шпионираат преку веб-камера.

13. Како да се ослободите од нив?

Ако ве заплашуваат колачињата од трета страна, едноставно можете да ги блокирате на сите поголеми пребарувачи. На пример, на „Гугл Хром“ влезете во делот Поставки, па во Advanced, кликнете Поставки за содржината во делот Приватност и безбедност, кликнете на Колачиња и вклучете ја опцијата Блокирај ги колачињата од трета страна, со што ќе ги спречите да ве следат на различни интернет-страници огласувачите од трета страна, трговците и другите даватели на услуги.

Имајте на ум дека во случајот, „Гугл“ само ќе го блокира следењето на вашите посети на интернет-локациите на широките огласни мрежи. И понатаму не може да го спречи следењето на вашето однесување на интернет кога го употребувате „Гугл Хром“ како пребарувач и додека сте пријавени на својот профил на „Гугл“.

Извор: Tportal.hr