По Telegram, LinkedIn и уште неколку други апликации, Русија би можела да го блокира и Viber
Viber е веќе на црвена линија, бидејќи одбива да ги предаде корисничките преписки и податоци за корисниците.
„Не можеме да предадеме нешто што го немаме”, објави компанијата Viber како одговор на руските власти, објави сајтот Bitcoin.com, наведувајќи дека многу корисници на биткоин го користат Viber за разговор за криптовалутите.
Клучевите на енкрипција, кои ги бараат руските власти, едноставно не е можно да се добијат, бидејќи Viber не ги следи преписките на корисниците, кои се енкриптирани сами по себе и Viber нема увид во тоа што си испраќаат корисниците помеѓу себе. Покрај тоа, Viber има опција да се избрише испратената порака кај сите лица во разговорот, и тоа неограничено. На тој начин, кај никого не останува никаква трага од пораката.
Претставникот за медиуми на Viber уште претходно изјави дека руските власти можат секако да бараат директно од корисниците да им предадат своите разговори, бидејќи Viber не ги поседува. Исто така, Viber соработува со властите на сите земји во кои работи, но некои линии не ги преминува – една од нив е предавањето на клучевите на енкрипција и Viber ќе се потруди така и да остане.
Рускиот министер за телекомуникации изхави за руската агенција ITAR-TASS дека можат да ги преземат истите чекори, како и во случајот на апликацијата Telegram, доколку судот така одлучи.
Поради Telegram апликацијата, во Русија во еден момент беше блокиран „половина” интернет, за да го запрат функционирањето на апликацијата. Засега не издаден налог за блокирање на Viber, но ситуацијата во следниот период би можела да се промени, ако за тоа се создадат услови.