Apple во 2019. година најверојатно ќе претстави најмалку еден модел на iPhone со тројна камера на задната страна, објави Taipei Times.

Публикацијата го цитира извештајот на компанијата Yuanta Securities,  која наведува дека Apple би можел да претстави смартфон со три камери на задниот дел од 12 мегапиксели и со оптичка стабилизација на сликата – опција која придонесува за создавање на поквалитетни фотографии.

Yuanta Securities дојде до овој заклучок по разговорот со снабдувачот на Apple, Largan Precision, кој произведува смартфон леќи за технолошкиот гигант.

Моментните модели, iPhone X и iPhone 8 Plus доаѓаат со двојна камера од 12 мегапиксели на задната страна.

Ова не е прв извештај кој укажува на тоа дека Apple го разгледува системот на тројна камера.

Тајванскиот Economic Daily News соопшти минатиот месец дека компанијата работи на телефон со три задни камери од 12 мегапиксели, кој го подготвува за 2019. година.