Lego ќе соработува со Amazon.com за проект кој ги обединува конструкторите на производителот на играчки со интерактивниот гласовен асистент на онлајн гигантот, пишува Bloomberg.

Децата ќе можат да комуницираат со виртуелниот асистент Alexa на Amazon преку програма за раскажување приказни, додека си играат со конструкторите. Производот беше објавен во Велика Британија и САД во средата, соопшти данската компанија.

Проектот е дел од напорите на главниот извршен директор на Lego Нилс Б. Кристијансен да ја задржи компанијата поврзана со генерацијата деца што е опседната од дигиталните екрани. Досега Lego објави мешани резултати од своите дигитални напори. Иако „Lego: The Movie“ од 2014 година и дел од видео игрите на компанијата беа успешни, нејзиниот голем залог во компјутерските игри со „LegoUniverse“ беше неуспех.

Приказните на Alexa се насочени кон деца меѓу две и пет години, кои играат со конструкторот Duplo на Lego. Меѓу нив се вбројуваат „The Plane Story“ (приказна за авион, кој оди на одмор) и „The Rabbit Story“ (за зајак, кој се среќава со другите миленичиња на своето семејство).