После анализата на милиони фотографии и хаштази, системот на Facebook може да препознае различни раси на кучиња, различни билки, храна и ситуации како на пример зајдисонце, снег, море и слично.

Моментално во центарот на вниманието на најголемите технолошки гиганти е развојот на вештачката интелигенција, а секако, една од компаниите која што работи на оваа технологија е и Facebook.

Сепак, за разлика од останатите компании, најголемата социјална мрежа при развојот на вештачката интелигенција има едно тајно оружје – своите корисници.

Имено, за да ја „истренираат“ вештачката интелигенција да препознава фотографии и исправно да го идентификува тоа што е претставено на фотографијата, од Facebook се насочиле кон огромната база на фотографии која што ја поседуваат, а која што ние ја познаваме како Инстаграм.

Корисниците при објавите на своите фотографии, обично ставаат хаштази и со тоа ѝ помагаат на вештачката интелигенција на Facebook полесно да „научи“ што се наоѓа на фотографијата.

После анализата на милионите фотографии и хаштази објавени на Инстаграм, вештачката интелигенција на Facebook сега може да препознае различни облици на фотографиите, може да разликува животни, пејзажи и слично.

Иако од Facebook тврдат дека нивната вештачка интелигенција нема да идентификува луѓе, ова е всушност првиот чекор кон изградба на подобар пребарувач, но и борба против забранетата содржина со која што најголемата социјална мрежа на светот има прилично големи проблеми.