Google го направи еден од најголемите редизајни на Gmail од самото постоење на овој e-mail сервис.
Новиот апдејт доаѓа со подобрена безбедност, но и бројни визуелни подобрувања кои прават тој да изгледа допадливо и компактно.
Една од најголемите измени на новата верзија на Gmail е комплетно новиот Confidential mode, кој ви овозможува да имате побезбедно логирање и ќе ви дозволи да ставите рок на истекување на индивидуалните мејлови.
Предупредувањата за „phishing“ се многу понагласени, со големи црвени квадратчиња кои е тешко да се промашат. Исто така, новата опција со која можете да ја интегрирате апликацијата Tasks ќе ви помогне полесно да ги координирате вашите обврски и состаноци со мејловите кои ви пристигнуваат.
Ако сакате да ја активирате новата верзија на Gmail уште денес, тоа можете да го направите со кликнување на иконата со запчаник во горниот десен агол. Првата опција која ќе се појави би требало да биде „Try the new Gmail“. Кликнете на неа и вашиот Gmail би требало да се смени во истиот момент.
Доколку ја нема оваа опција кај вас, не паничете. Google постепено ќе го зголемува бројот на корисници кои ја добиваат новата верзија, па затоа големи се шансите дека во наредните неколку денови новата верзија ќе стигне и до вас.
Google сепак нема да ве примора да ја користите новата верзија доколку таа не ви се допаѓа. Секогаш ќе ја имате опцијата да се вратите на старата, добро позната верзија.