Научници се подготвуваат да ја пуштат во употреба машината која ќе ги чисти океаните од пластичен отпад. Целиот систем ќе тргне летово кон Големиот пацифички остров од ѓубре кој се наоѓа помеѓу Хаваи и Калифорнија и се проценува дека содржи 1,8 трилиони парчиња пластика.

Се работи за прв ваков подвиг за чистење на овој остров од пластика од кога е откриен во 1997 година. Машината треба да собере половина од отпадот во рок од пет години. Големиот пацифички остров од ѓубре зафаќа двојно повеќе површина колку онаа на Франција и содржи најмалку 79 000 тони пластика, покажало истражувањето направено претходниот месец како дел од подготовките за лансирањето на машината. Отпадот кој се наоѓа тука убива преку 100 000 китови, делфини и фоки секоја година, а секојдневно се наоѓаат и многу морски птици и други видови морски животни со стомаци полни пластика, бидејќи ја конзумираат пластиката сметајќи ја за храна.

Секоја година, преку 8 милиони тони пластика се исфрла во океаните. Околу 90 проценти од пластиката во светот не се рециклира, а научниците веруваат дека секое парче пластика кое е произведено досега, најверојатно уште постои некаде во светот. Пластичните предмети кои се за една употреба, можат да се распаднат во рок од 450 години.