По примерот на повеќе градови во светот и во Скопје ќе се цртаат 3Д пешачки премини.
Тридимензионални (3Д) пешачки премини ќе се цртаат низ улиците и булеварите во Скопје. ЈП „Улици и патишта“ деновиве почна со цртање на ваква зебра на улицата „Самоилова“ кај Музејот на современа уметност, а во наредниот период ќе се бележат и други локации кои се посочени како црни точки. Овие пешачки премини создаваат оптичка илузија која ги тера возачите да ја намалат брзината на возилата.
„Почнавме од улицата кај Музејот на современа уметност како пилот проект, да видиме како ќе функционираат. Во наредниот период ќе се бележат уште неколку помали улици, за да го усовршиме начинот на бележење а потоа ќе продолжиме на булеварите. Градот ќе добие нов имиџ. Работите со механизацијата на претпријатието, како дел од тековните активности што значи дека немаме дополнителни трошоци. За 3Д пешачки премини не требаат многу пари а се многу ефективни. Во голем број европски градови на овој начин се регулира безбедноста на улицата. Преминот создава чувство кај граѓаните дека на улицата има подигнат премин што ги наведува да ја намалат брзината“, вели Сенад Смаиловиќ, директор на ЈП „Улици и патишта“.
Според планот предвидено е тридимензионален пешачки премин да се нацрта на улицата Борис Сарафов во населбата Ѓорче Петрoв, каде мината недела беше прегазено 10 годишно дете, како и низ други улици и булевари каде се вози со голема брзина и се црни точки во Скопје.
Идејата за создавање на оптичка илузија на пешачки премин не е нова. Прв таков „лежечки полицаец“ е исцртан 2008 година во Филаделфија, САД. Подоцна се појавија вакви зебри и во други земји како Германија, Белгија, Австрија, Велика Британија, Шпанија, Исланд, Индија.
Во Индија каде проектот е започнат во 2016 година велат дека дал задоволителни резултати и дека имаат намера да постават повеќе такви зебри. Ова решение е поевтино, попрактично и посимпатично во однос на конвенционалните „лежечки полицајци“, а и не може да го оштети возилото. Основниот проблем е што возачите кога еднаш ќе поминат по таа улица ќе сватат дека се работи за оптичка илузија и останува прашањето дали наредниот пат ќе забават пред пешачкиот премин.