Социјалната мрежа Instagram откри дека наскоро ќе им овозможи на корисниците да ги преземаат своите податоци.

Порталот Techcrunch пишуваше за недостатоците на оваа социјална мрежа, а на ваквата статија пристигна одговор. Моментната ситуација е дека корисниците не можат да ги преземат своите фотографии кои ги поставиле на оваа социјална мрежа.

Одговорот кој пристигна е дека Instagram моментно работи на развој на оваа опција која ќе им овозможи на корисниците да ги преземат своите податоци. Сè уште нема детали за новата опција, па така не е познато дали на корисниците ќе им овозможат преземање само на своите фотографии и видео снимки кои ги поставиле на својот профил или ќе можат да ги преземат и пораките кои ги разменувале со своите пријатели.

Едно е сигурно – по скандалот со Facebook и продавањето на личните податоци на трета страна, корисниците започнаа да размислуваат за отстранување на своите податоци како од Facebook, така и од останатите социјални мрежи. Единствената разлика е тоа што Facebook кој е инаку сопственик и на Instagram, поседува опција за преземање на податоците уште од поодамна, додека Instagram сè уште ја нема оваа опција.

Поради недостаток на ваквите опции, се појавија апликации кои овозможуваат преземање на податоци, меѓутоа доколку немате доверба во Instagram позади кој стои Facebook, не е добра идеја да дозволите пристап до апликација чиј творец е многу помалку познат.