Google ги објави најновите податоци поврзани со дистрибуцијата на различни Andorid верзии. Информациите се генерирани во период од седум денови, кој заврши на 16 април, откривајќи интересни детали за популарноста на платформата.
Најинтересен дел од извештајот на Google е дека Andorid Oreo веќе функционира на 4,6 отсто од смартфоните на пазарот, откако 0,5 отсто од нив веќе се надградени до Andorid 8,1, соопштува официјалниот блог на програмерите на мобилниот оперативен систем. За споредба, во февруари оваа бројка изнесуваше 1,1 отсто.
На овој начин, Andorid Oreo успеа првпат да го надмине оперативниот систем Jelly Bean, кој го користат 4,5 отсто од уредите.Ice Cream Sandwich OS и Android Gingerbread се достапни кај 0,4 и 0,3 отсто, соодветно, додека Kit Kat кај 10,5 отсто.
Новите податоци потврдуваат дека Android Nougat продолжува да биде најпопуларната верзија на мобилната платформа и снабдува 30,8 отсто од сите паметни телефони со оваа платформа. Во моментов оперативниот систем Android Marshmallow работи на 26 отсто од уредите на глобално ниво.
Компанијата се надева дека пазарното влијание на Android Oreo ќе продолжи да расте во наредните месеци за сметка на постарите верзии на платформата. И покрај обидите на Google, ќе биде потребно повеќе време за целосно совладување на проблемот со фрагментацијата на Android.