Uber претстави нова апликација за возачите

Uber претстави нова апликација за своите возачи која што сега вклучува и следење на заработката во реално време, а тоа е дел од обидот компанијата да ги поправи често напнатите односи со возачите.

Новиот потег е дел од програмата на Uber наречена „180 дена на промени“ која што започна во јуни минатата година со цел да се уважат предлозите на возачите, како на пример давањето на бакшиш и плаќање на надоместок за времето изгубено додека возачите ги чекаат патниците.

Апликацијата ќе има и нова ознака за статус која на возачите ќе им помогне да одлучат за својата идна локација врз основа на бројот на барања за возење, заедно со нотификацијата која што ќе им овозможи да ги видат пораките за тоа каде можат да заработат повеќе пари, како и повратна информација од другите возачи.

Uber минатата година најави низа на подобрувања за возачите, вклучувајќи ја и новата навигација и пофер оценување, како одговор на повеќегодишните жалби на возачите за нивната заработка и третман.

Возачите на Uber се независни соработници со договор, а не се вработени во Uber. Тие немаат право на платено боледување и годишен одмор, а мора и самите да плаќаат за одржување на возилата и останатите слични трошоци.

Компанијата која што се подготвува за иницијална јавна понуда на акциите во 2019-та година, минатата година загуби 4,5 милијарди долари и се соочува со силна конкуренција „дома“ во САД и во Азија, како и со разни притисоци на регулаторите во Европа.

Извор: Klix.ba