Иако Facebook се повеќе е изложен на критики, само мал број корисници ги затворија своите профили како средство ма општествен притисок, наведуваат експертите, кои се вознемирени од нетранспарентноста на социјалните мрежи.
Професорот по информатички науки на американскиот Универзитет Лихај, Ерик Баумер смета дека по избувнувањето на скандалот со недозволеното користење на личните податоци од страна на британската фирма „Кембриџ Аналитика“ за предизборни цели, корисниците на Фејсбук „беа шокирани, но и изненадени“.
– Дали тоа ќе ги поттикне да го напуштат Facebook е друго прашање, додава тој.
Во 2014 година Facebook веќе беше изложен на критики под обвинение дека тајно манипулира со емоциите на своите корисници преку анкета за „емотивна зараза“. Тоа ја натера компанијата да ги промени правилата на таквите анкети, но тоа не го запре ширењето на социјалната мрежа.
Францускиот социолог од областа на медиумите, Натали Надо-Албертини смета дека на интернет едноставно сме навикнати нашите лични податоци да се користат за маркетиншки цели.
– Но, нивното користење во предизборна кампања не вознемирува многу повеќе затоа што тоа навлегува во областа на идеалите, вредностите и идеите, вели Надо-Албертини.
Таа сепак смета дека нема да има масовно напуштање на социјалната мрежа од страна на корисниците.
– Facebook има толку голема важност во нашата социјализација и меѓусебна комуникација, што е невозможно човек да се откаже од него и од другите социјални мрежи, бидејќи на тој начин ќе стане социјално маргинализиран, смета таа, додавајќи дека приклучувањето кон мрежата прераснало во еден вид „социјална повелба“, кон која се приклучиле две милијарди лица.
Баумер, кој е автор на истражување на зависноста од социјалните мрежи. наведува дека тоа покажало оти луѓето не се привлечени од Фејсбук поради социјалните врски, туку затоа што развиле еден вид пристрасност кон мрежата.
– Некои корисници велат дека инстиктивно на тастатурата притискаат Ф, штом се приклучат на интернет, истакнува Балмер.
Кои се механизмите на таа пристрасност?
Научниот соработник за информатички науки при Универзитетот во Нант, Оливие Ерцшајд оценува дека Фејсбук се базира на емоционалниот аспект кога ни пласира информации кои кај нас предизвикуваат импулсивна, а не рационална реакција.
– Тие одлично знаат кој тип на информации ќе се рашират секавично, вели Ерцшајд. – Прашањето кое произлегува е дали еден ден Facebook ќе реши да манипулира со информациите на една или друга тема и дали ќе бидеме во состојба да го препознаеме сето тоа, додава експертот, кој смета дека Facebook има технички капацитет да ги прави тие манипулации.
Тој ризик го споменува и психологот од Универзитетот Оксфорд, Ендрју Пжибилски, кој прави аналогија на социјалните мрежи со скапоцениот прстен од „Господарот на прстените“ на Толкин, кој ги покорува смртниците.
– Денес кога голем број научници и истражувачи работат на Facebook, треба да знаат дека тоа е како да му го дадеш скапоцениот прстен на Фродо, вели тој.
Според него, проучуваните податоци на колективната психологија ја преминале својата „опенхајмерова точка, според името на еден од татковците на американската атомска бомба. Сега постои едно исклучително опасно оружје, што да правиме?
– Треба да гарантираме дека истражувањата ги почитуваат етичките принципи и се вршат во интерес на општеството, смета Пшибилски кој слична идеа доставил и до Facebook. Самиот тој го затворил својот профил на Facebook.
Јавноста се повеќе внимава какви лични податоци објавува јавно, но проблемот е каде „да се постави курсерот“ меѓу нештата што ги споделуваме со сите и оние кои сакаме да ги споделиме само со блиски луѓе.
Надо-Албертини смета дека младите треба да го променат досегашниот однос кога сите работи ги прифаќаат како нормални без да бидат свесни за ризикот, додека Баумер изразува жалење поради „нетранспарентноста на социјалните мрежи“ кои можат да ги збудалат луѓето.
Според Ерцшаид, единствено можно решение е да се изработи алтернатива на Facebook затоа што сега „знаеме како да создадеме социјални мрежи кои го почитуваат личниот живот“.
Поврзани артикли