Автомобилската компанија Volkswagen ќе ги откупи сите нови дизел автомобили доколку германските градови одлучат да ги забранат, објави денес германскиот гигант.

Од компанијата наведоа дека оваа понуда се однесува на автомобили купени од 1 април до крајот на 2018 година, а понудата ќе важи три години од воведувањето на забраната.

Соопштението беше објавено откако минатата недела германскиот суд одлучи дека градските власти имаат право да ја забранат употребата на дизел автомобили, кои најмногу го загадуваат воздухот.

Во многу градови ширум Германија е надминато ограничувањето за азотен оксид во атмосферата, а познато е дека овој гас предизвикува респираторни проблеми. Стравот од забраната доведе до пад на продажбата и интересот за дизел автомобили, кои се клучни за производителите кои прават напори за да ги исполнат регулативите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Автомобилите со дизел мотори се жестоко критикувани поради испуштањето големи количини на азотен оксид, но тие истовремено испуштаат многу помалку јаглен диоксид од автомобилите со бензински мотор.

Продажбата на дизел возила во Германија минатата година падна за 19%.