Аквариум во домот внесува посебна смирувачка енергија. Гледањето во рибите, камењата, песокта, коралите, тивкото жуборкање од водната пумпа, помагаат, барем за миг, да се заборави на дневните грижи и да се одморат телото и умот.
Но, сте помислиле ли како би било доколку рибите ги погледнете уште поблиску, односно да бидете во водата, во аквариумот, заедно со нив. Да се нурнете самите е тешко изводливо, освен ако немате голем аквариум во кој може комотно да ве собере.
Доколку аквариумот е мал, тогаш решението е внатре да спуштите мобилен телефон со вклучена камера. Сепак, не секој мобилен издржува под вода. Водата може да го оштети уредот набргу откако ќе го потопите.
Доколку имате среќа при рака да ви се најде мобилниот уред на Samsung, моделот Galaxy S8+, тогаш пред вас е несекојдневна можност да нуркате заедно со рибите во вашиот аквариум. За голема среќа, таков уред ни се најде нам при рака.
Додека баравме што да гледаме по телевизиските канали, се решивме да го оставиме далечинскиот управувач за миг и да се дружиме со рибите.
За да биде вечерта позабавна, ги засукавме ракавите и го пуштивме телефонот во водата. Го ставивме во песокта и чекавме да видиме што ќе се случи, додека неговата камера снимаше.
Рибите за миг се повлекоа зад минијатурниот гребен во стаклениот домашен аквариум. Но, откако увидоа дека непознатиот предмет е безопасен, излегоа на видело и почнаа своевиден танц со мобилниот. Најзабавни беа малите „Немовци“ коишто покажаа најголема љубопитност кон потопениот Galaxy S8+.
За целиот експеримент да биде веродостоен, телефонот, додека беше во вода, однадвор го снимавме со помалиот „побратим“ на „осмицата“, односно со Galaxy A5. И „петката“ одлично си ја одигра улогата на асистент во оваа мала подводна авантура.
Мобилниот „Galaxy S8+“ го оставивме под вода десетина минути. За тоа време камерата работеше беспрекорно и сними кадри кави што не би ги снимиле доколу тоа го правевме од надвор, преку стаклото од аквариумот.
Според спецификациите, уредот може да издржи под вода до половина час и тоа на длабочина поголема и од 1,5 метри. Тој може да „нурка“ исклучиво во слатка вода. Не е препорачливо да се потопува во солена вода, зашто солта ги разјадува неговите конектори и лесно може да дојде до куса врска.
Воедно, тоа што мора да се внимава е телефонот добро да го исушите штом ќе го извадите од вода. Самиот Galaxy S8 има индикатор кој ќе ви испрати предупредување дека е детектирана влага во конекторот за полнење. Тоа значи дека не смеете да го поврзувате со полнач додека не се исуши од влагата.
ВАЖНО: Што не смеете да правите со Galaxy S8
– Не нурнувајте го на поголема длабочина од 1,5 метар и не подолго од 30 минути.
– Не изложувајте го уредот во вода со голем притисок, како под водопади и океани.
– Доколку уредот е изложен на силни удари, можно е да се намали неговата заштита од прашина и од вода.
– Не ставајте го уредот во контакт со солена вода, ниту со јонизирана вода, ниту, пак, под сапуница!
– Доколку телефонот бил под вода, можно е звукот од микрофонот да не се слуша доволно јасно.
– Ако телефонот е воден, избришете го и протресете го за да се исцеди водата од отворот за полнење на батеријата.
Поврзани артикли