Истражувајќи ги седиментите на крајбрежјето на островот Калверт во Британска Колумбија, Канада, научниците најдоа 29 отпечатоци од стапала стари 13.000 години. Отпечатоците се на двајца возрасни и едно дете, стои во извештајот од истражувањето објавен во журналот PLOS-ONE.
„Ретко се наоѓаат фосилизирани отпечатоци на археолошки наоѓалишта, иако имало случаи кога биле откривани откако имало ерозија на земјиштето во крајбрежни средини“, вели Данкан Мекларен, водач на истражувањето и професор по антропологија на Универзитетот на Викторија.
Многу научници сметаат дека за време на последното ледено доба што завршило пред околу 11.700 години, луѓето се преселиле од Азија по копнен мост до Северна Америка, денешниот западен брег на Британска Колумбија и јужните крајбрежни предели на Канада.
Меѓутоа, оваа мигрантска рута е тешка за истражување. Денес канадското крајбрежје од страната на Тихиот Океан е обраснато со густи шуми и е пристапно само по воден пат. Меѓутоа, истражувањата на островот Калверт вредеа за трудот бидејќи за време на тоа ледено доба нивото на морето било 2-2,7 метри пониско отколку сега.
Истражувачите барале археолошки докази за фосили од растенија, но не очекувале дека ќе најдат отпечатоци од човечки стапала.
Најдени се вкупно 29 отпечатоци на три босоноги лица, со јасно изразени лакови на стапалата и вдлабнатини на прстите и петиците.